Wednesday, April 10, 2013

НАЈВАЖНИ ДОБРИ НОРМИ ВО ЗАЕДНИЦАТА

          ДОБРИ НОРМИ ВО ЗАЕДНИЦАТА
Човекот секогаш живее во заедница, се раѓа, се обучува, израснува во некое општество. Во општествениот живот тој се вклучува со сите свои дејствувања - со работата, со другарувањето и со другите односи со блиските и ближните, со градењето на семејството, со политичкото поврзување и одлучување, како и со многу други форми на заедничка опстојба. Меѓутоа, самите луѓе треба да имаат вредности, норми и постапки кои се добри за заедничкиот живот и кои придонесуваат за унапредување на заедничкото живеење:
ЗАЕДНИЧКО ЖИВЕЕЊЕ - живот во кој се споделуваат условите, целите, вредностите, работата и остварувањата. Градење добра заедница со луѓето кои се блиски и кои имаат слични цели.
ДОВЕРБА - верба во некого или во нешто, меѓусебно верување, увереност дека меѓу луѓето владеат согласност и чесност. Чувство на пријателство и на сигурност истовремено (една од основните вредности на заедничката опстојба на луѓето - денес се смета дека довербата треба да биде основна вредност меѓу луѓето во идното столетие).
ПОДДРШКА - поткрепа, давање материјална и морална помош. Покровителство за ближниот (потребна им е на луѓето, со тоа тие дознаваат дека
некој мисли на нив, ги сака, им се наоѓа кога треба или им помага во тешкотиите).
ПРИЈАТЕЛСТВО - блискост, наклонетост, еден вид особено почитување меѓу луѓето (длабоко меѓусебно чувство). Поврзаност со емоции, судбини, живеење и со дејност со некого (порано филозофите истакнуваа дека пријателството е најзначајната вредност меѓу луѓето).
БРАТСТВО - особено чувство на почитување на сите луѓе, желба сите луѓе да бидат блиски и покажување дека луѓето имаат капацитети и сили за опфаќање на сите други со едно исто блиско чувство.
СОЛИДАРНОСТ - заедничко мислење, еднодушност, длабока поврзаност на луѓето во мислите, целите и дејствувањето. Заедничко обезбедување на интересите , заемно обврзување и заедничко блиско дејствување за да се реализираат исти цели.

No comments:

Post a Comment